Политика

ВМРО-ДПМНЕ објави нова афера „Тајни имоти“

24.10.2022 14:42

Функционери на власта кријат имот од 30 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ објави нова афера „Тајни имоти“. Велат дека имаат точни податоци со име и презиме. Опозициската партија бара да бидат објавени од институциите за 24 часа. Зошто Антикорупциска постои, ако функционерите го кријат имотот-прашаа од ВМРО-ДПМНЕ…

ВМРО-ДПМНЕ објави нова афера за власта, која како што тврдат од партијата, функционери на СДСМ и ДУИ поседуваат таен имот вреден 30 милиони евра. Како што појаснија од партијата, на списокот има куќи, станови, викендички, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста. На него се државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата побараа Антикорупциска веднаш да дејствува.

Од ВМРО-ДПМНЕ даваат рок од 24 часа, институциите сами да ги објават имињата, а доколку тоа не го сторат, од утре ќе ги објавуваат поединечно заедно со имотот кој го прикриваат. Ќе побараат и проверка на потеклото на имот, за да се испита дали е нелегално стекнат. Новата афера „Тајни имоти“, според опозицијата е уште еден показател како власта функционира надвор од законите.

Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ги крадела граѓаните, трупала имот, луксуз и пари на незаконски, криминален начин, додека граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови, реагираа од СДСМ.

„Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека си погледне во своите редови и својот дворец. Со кој пријавен имот и на каков начин Никола Груевски живее во Будимпешта? Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција, а тоа е ДКСК, за понатамошно постапување“-се вели во реакцијата од СДСМ.

Игор Панов