Полска

Евроинтеграциите и војната во Украина во фокус на средбата Пендаровски-Дуда

24.10.2022 15:01

Претседателот Пендаровски, на покана на неговиот колега Дуда, е во дводневна официјална посета на Полска. На средбата меѓу двајцата претседатели во фокусот евроинтеграциите и војната во Украина. Дуда го одликуваше Пендаровски со највисокото полско одликување-Орден на Белиот орел, додека шефот на државава му го додели Орденот „8 Септември“, како симбол на партнерството и пријателството меѓу двете држави…

Клучна тема на разговорите меѓу Пендаровски и Дуда, македонските евроинтеграции. Полска беше меѓу ретките земји што застана за нас, кога беше објавен Францускиот предлог и напорите за почеток на преговарачкиот процес на Македонија, рече Пендаровски. Додаде дека искрено се надева оти по болниот компромис со соседна Бугарија и покрај непринципиелните барања за земјава и нашиот народ, нема одново да чекаме предолго за влез во Унијата.

Двајцата претседатели разговараа и за партнерството во НАТО, војната во Украина и последиците од неа, но пред сè за глобалната економска и енергетска криза. Полскиот претседател ја потврди подготвеноста неговата земја да ни даде поддршка и во оваа сфера.

Пендаровски и Дуда си разменија ордени за заслуги. Македонскиот претседател од својот хомолог беше одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот орел, тој пак претседателот Дуда го одликуваше со Орден „8 Септември“.

На агендата на дводневната посета и средбите со полскиот премиер Матеуж Моравјецки како и со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот.

Во Полска на Шлезискиот универзитет македонскиот јазик се изучува од најосновното рамниште, а може да се продолжи на повисоки рамништа. Така што веќе има и докторанти. Годинава, Катедрата за македонистика во Катовице, пак, одбележа и 35-годишен јубилеј.

Шефот на државава Пендаровски во Варшава беше пречекан со високи државни и воени почести.

Фиљана Кока