Економија

Висока инфлација, бавен раст, без рецесија годинава- прогнозира Светска банка

24.10.2022 15:51

Светска банка со извештај за економската состојба во земјите од Западен Балкан. Според проекциите, Македонија нема да биде во рецесија до крајот на годината, но се прогнозира забавен раст, квартално. До крајот на годинава се очекува раст од 2,1 насто. За идната година се предвидува умерен раст. Според рапортот на Светска банка, стапката на невработеност е најниска во регионот, а има пад и на индустриското производство...

Поради војната во Украина и енергетската криза, Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните, стои во редовниот есенски извештај на Светска банка. Од таму сугерираат фискалната поддршка да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми, а ја поддржуваат и планираната даночна реформа. Не се очекува Македонија до крајот на годината да влезе во рецесија, но растот ќе биде забавен.

Во анализата се проценува дека оваа година БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 насто, што е двојно помалку од 2021 година, кога изнесуваше 7,6 проценти, но истовремено е значително повисока од проекциите за 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 насто за целиот регион.

За шестте економии од Западен Балкан се проценува годинава да постигнат двојно помал просечен раст на бруто домашниот производ од лани. Сепак, ним им се заканува раст на цените на енергијата, инфлацијата и непредвидливиот тек на војната во Украина.

Затекнатите глобални услови на финансирање, забавувањето на домашната и надворешната побарувачка, како и намалувањето на довербата на фирмите и потрошувачите, секако ќе се одразат на финансискиот сектор во регионот, беше контатирано на прес-конференцијата.

 

Марија Котовска