Договорот за ФРОНТЕКС ќе се потпише в среда во Скопје
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференцијата по Министерската конференција Прашки процес, најави дека в среда во Скопје заедно со министерот Оливер Спасовски ќе го потпишат Договорот за ФРОНТЕКС...

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференцијата по Министерската конференција Прашки процес, најави дека в среда во Скопје заедно со министерот Оливер Спасовски ќе го потпишат Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
Мора да го поддржиме ФРОНТЕКС во земјите партнери од Западен Балкан, каде веќе имаме 300 мажи и жени кои овозможуваат поддршка на границите на нашите партнери од Западен Балкан, утре веќе очекуваме предлог за ново преговарање на постојниот договор, со што тој ќе може да се прошири и на границите помеѓу земјите на Западен Балкан, а во среда ќе одам во Скопје за со министерот Оливер Спасовски да го потпишеме Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија, што мислам дека ќе биде уште еден важен чекор напред, рече Јохансон.
Покрај ова, кажа таа, треба да ја зајакнаме поддршката кон нашите партнери од Западен Балкан околу враќањето и реадмисијата и да ја интензивираме нашата поддршка и активностите во врска со сузбивањето на криумчарите со мигранти, па се надевам, рече, дека следната недела веќе ќе можеме да зборуваме за отпочнување на оперативно партнерство против криумчарењето мигранти заедно со партнерите од Западен Баллкан.
Со овој Договор ќе овозможиме подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или странски полициски службеници на критични точки на границите, рече Спасовски, додавајќи дека распоредувањето на персонал на ФРОНТЕКС ќе уследи по повеќегодишната реализација на Заедничката операција на јужната граница на Република Северна Македонија, во рамки на која странски полициски службеници од повеќе европски земји и партнери заеднички работат на зачувување на границите и на безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на Европската Унија.
Спасовски уште еднаш ја нагласи посветеноста на Министерството за внатрешни работи за зајакнување на соработката и постигнување одржливо партнерство за поефикасно справување со предизвиците кои ги носи миграцијата, како преку миграциските партнерства, како што е Прашкиот процес, така и со агенциите на ЕУ.
