Карлос Слим ќе управува со Телеком Австрија
24.04.2014 12:12
Компанијата на светскиот милијардер, според договореното, со една милијарда евра ќе го докапитализира Телеком Австрија, со што ќе се изедначи со уделот на австрискиот државен холдинг ОИАГ...

Светскиот милијардер Карлос Слим по долготрајни преговори постигна договор со Владата на Австрија, кој што му овозможува преземање на Телеком Австрија, пренесува Ројтерс. Неговата компанија “Америка Мовил“, која во Латинска Америка е соочена со се поголема регулација и конкуренција, одамна е во потрега по продор во Европа, при што постојано го зголемува уделот во некогашниот австриски монополист.
Компанијата на светскиот милијардер, според договореното, со една милијарда евра ќе го докапитализира Телеком Австрија, со што ќе се изедначи со уделот на австрискиот државен холдинг ОИАГ.
Шефот на ОИАГ, Рудолф Крамер, рекол дека договорот предвидува вето на австрискиот холдинг, кој ќе задржи половина од клучната положба во телекомуникацискиот гигант и смета на огромен раст во централна и источна Европа. Сега „Америка Мовил“ и ОИАГ ќе имаат по 28,4 отсто од Телеком Австрија, а за сите значајни одлуки, двата парнери мораат да одлучуваат едногласно.
На почетокот на оваа година, „Америка Мовил“ презеде една четвртина од уделот на австрискиот телекомуникациски монопол, што ја отвори вратата за преземање.
„Америка Мовил“, по потпишување на договорот, објави дека стекнала оперативна одговорност во Телеком Австрија, кој веќе има свои активности во својата матична земја, како и во Белорусија, Бугарија, Хрватска, Србија, Македонија, Лихтенштајн и Словенија.
