Заздравување на британската економија- прва задача на новиот премиер Риши Сунак
Риши Сунак на средба во Бакингемската палата со кралот Чарлс Трети пред да влезе во „Даунинг стрит 10“ како прв британски премиер со азиско потекло. Ќе одржи прв говор. Сунак победи на изборите во конзервативната партија, тој предупреди дека земјата се соочува со економски предизвик. Првата задача на милијардерот, брокер со акции, ќе биде заздравување на британската економија…

Милијардерот Риши Сунак е новиот британски премиер по назначувањето за лидер на конзервативната-унионистичка партија. Ќе служам со интегритет и скромност, рече во првото обраќање поранешниот министер за финансии, инаку натурализиран Индиец. Имаше само пофални зборови за Трас, иако е трет премиер во „Даунинг стрит 10“ за само три месеци.
„Голема привилегија за мене е да им служам на партијата и на државата на која толку ѝ должам. Обединетото Кралство е голема земја, но нема сомнеж дека се соочуваме со силен економски предизвик. Сега ни е потребна стабилност и единство, и ова ќе биде мојот најважен приоритет, да ги организирам партијата и државата. Само на тој начин ќе ги надминеме предизвиците со кои се соочуваме и ќе изградиме подобра, попросперитетна иднина за нашите деца и внуци. Ќе им служам со интегритет и скромност, и ќе работам деноноќно да го испорачам најдоброто за британскиот народ“, нагласи Сунак.
Аналитичарите го поздравија назначувањето на Сунак, кој се збогати како брокер за акции и е сопственик на реномирана фирма. Берзите се смируваат. Огромната индиска заедница во Кралството исто така му посака добредојде на првиот, како што велат, кафен премиер по потекло од Пунџаб. Дури и од најмалите.
„Многу сум возбудена бидејќи е прв премиер со индиско потекло, се надеваме ќе ни помогне со животните трошоци.“
„Горд сум, не дека сум со индиско потекло, туку затоа што е добар човек. Ќе работи напорно за секого и ќе ја издигне Британија на врвот.“
И од Шкотска пристигнаа првите реакции, без восхит, туку за реален пристап кон состојбите. Шкотската премиерка Старџн, како и лабуристите побара распишување општи избори. За неа не постои разлика меѓу ториевците и лабуристите.
„Сè додека сме дел од системот на Вестминстер, секогаш ќе имаме премиери кои не сме ги гласале. За Шкотска е најважно најголемиот дел од нас да гласа, државата да стане независна. Расте бројот на шкотланѓани кои го бараат тоа“, нагласи Никола Старџн, премиерка на Шкотска.
Сунак се соочува со абнормални предизвици. Мора да ја спаси економијата, но и да ја обедини партијата. Кралот Чарлс Трети ќе побара од Сунак да формира влада со што и официјално станува премиер на Обединетото Кралство.
Зоран Богатинов
