САД и Киев негираат сценарио со „валкана бомба“
Русија тврди – Киев подготвува „валкана бомба“. САД и Киев негираат вакво сценарио, Меѓународната агенција за атомска енергија праќа инспектори во украинските нуклеарни погони. Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер во ненадејна посета на Киев...

Руското МНР тврди дека Украина веќе почнала да го спроведува наводниот план за провокација со употреба на т.н. „валкана бомба“. Москва го повика генералниот секретар на ОН Гутереш да го спречи ова сценарио. Конвенционалниот експлозив измешан со радиоактивен материјал е тема и на Советот за безбедност на оваа организација.
„Две организации во Украина добиле конкретни насоки да создадат таканаречена „валкана бомба“. Подготовките се во завршна фаза. Имаме информација и за контакт меѓу украинскиот претседателски кабинет и британски претставници за снабдување со технологија за производство на нуклеарно оружје“, изјави потполковник Игор Кирилов, шеф на руските сили за атомско биолошко хемиска одбрана.
Меѓународната агенција за атомска енергија праќа инспектори во украинските нуклеарни погони. Вашингтон и Киев категорично ги негираат обвинувањата. Аналитичарите скептични околу изјавите на Москва.
„Оваа бомба не носи придобивки на теренот. Нема да го смени текот на војната. За мене таа е повеќе вовед во некаков ескалирачки чекор на руската страна. Не гледам причина зошто Украина би ја употребила. Оваа бомба не е за фронт. Повеќе е психолошко оружје за заплашување. Се користи за предизвикување на помала експлозија. Ќе прошири радијација низ неколку блока, но не пошироко, подалеку“, изјави Скот Рекер, аналитичар, „Иницијатива за нуклеарна закана“.
„Во Русија расте чувството на пораз, ние ќе ја вратиме нашата територија“ – изјави претседателот Зеленски.
„Украина ја разбива таканаречената „втора најјака војска во светот“, и отсега, Русија само ќе биде пион. Тие го молат Иран за некои работи, се обидуваат да добијат нешто и од Западот, измислуваат бесмислици за Украина, заплашуваат, лажат. Никогаш веќе Русија нема да диктира“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Борбите се разгоруваат долж целиот фронт. Во Берлин, конференција за обнова на Украина.
„Овде зборуваме за создавање на нов Маршалов план за 21 век. Генерациска задача која мора да почне веднаш. Закрепнувањето, реконструкцијата и модернизацијата на Украина ќе биде предизвик за многу генерации, кој ќе бара здружување на силите од целата меѓународна заедница“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Додека траат обвинувањата за т.н. „валкана бомба“ во ненајавена посета на Украина пристигна германскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер.Ж
Маја С. Филдишев
