Ковачевски: Партиите да седнат на маса и да разговараат за уставните измени
Според Ковачевски, сите политички партии имаат позитивен однос кон уставните измени, па дури и оние кои биле децидно „против“, сега велат дека би гласале, под одредени услови...

Премиерот Ковачевски е подготвен да седне на маса со Мицкоски и со другите лидери на политичките партии за уставните измени и да се постигне консензус. Смета дека тоа треба да биде процес којшто се одвива во процедура, согласно со нашите закони. Според Ковачевски, сите политички партии имаат позитивен однос кон уставните измени, па дури и оние кои биле децидно „против“, сега велат дека би гласале, под одредени услови.
„Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изричито против, сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“, изјави Димитар Ковачевски.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е подготвен за средба со премиерот Ковачевски. Повика на семакедонско обединување меѓу политичките партии за да се направи стратегија за иднината на државата. За воопшто да се разговара за уставни измени, поврзани со преговарачката рамка, Мицкоски побара гаранции од Брисел дека до 2030-та ќе бидеме членка на ЕУ, а Европскиот парламент да усвои резолуција за македонскиот јазик. Смета дека дополнителните услови од албанскиот фактор за бришење на формулацијата од 20 насто во Уставот, може да значат нарушување на унитарниот карактер на државата, што ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи. Опозициските Алијанса за Албанците и Беса, за да поддржат отворање на Уставот, поставија услов-формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“. Ве-де претседателот на Алијанса за Албанците Таравари, најави пакет мерки, кој како што рече, ќе ѝ донесе само добро на државата и нема да има партија што ќе може да го одбие. Претставувањето ќе оди паралелно пред граѓаните, членството и пред поважните амбасади во Македонија, но и парламентарните партии. Таравари презентацијата ја најави за околу две недели.
Милчо Велески
