Сунак и официјално нов британски премиер
По средбата во Бакингемската палата со монархот, Сунак го одржа и својот прв говор на „Даунинг стрит број 10“. Во фокусот – економијата. Новиот премиер вети дека ќе ги поправи грешките, направени од неговиот претходник.

По приемот кај Кралот Чарлс Трети, Риши Сунак и официјално стана премиер на Обединетото Кралство. По средбата во Бакингемската палата со монархот, Сунак го одржа и својот прв говор на „Даунинг стрит број 10“. Во фокусот – економијата. Новиот премиер вети дека ќе ги поправи грешките, направени од неговиот претходник.
„Владата што ја водам нема да ја остави следната генерација, нашите деца и внуци, со долг за кој ние сме биле премногу слаби да го исплатиме. Ќе ја обединам нашата земја не со зборови, туку со акција. Ќе работам од ден во ден за ова да го остварам. Владата ќе има интегритет, професионализам и одговорност на секое ниво. Довербата се заслужува, а јас ќе ја заслужам вашата“, нагласи Сунак.
Сунак влезе во трката за премиер по оставката на премиерката Лиз Трас и откако нејзиниот претходник Борис Џонсон се повлече од трката. Од времето што го минав како премиерка, сè повеќе сум уверена дека мора да бидеме храбри и да се соочиме со предизвиците, порача Трас при нејзиното заминување од функцијата.
„Мора да извлечеме придобивки од нашата Брегзит слобода и да ги правиме нештата поинаку. Ова значи да им донесеме повеќе слобода на нашите граѓани и да им ја вратиме моќта на демократските институции. Тоа значи и пониски даноци за луѓето да може да задржат повеќе од парите што ги заработиле, а тоа значи раст кој води кон поголема сигурност на работните места, повисоки плати и поголеми можности за нашите деца и внуци“, рече Трас.
Лидерот на британските конзервативци и поранешен министер за финансии Сунак потекува од семејство на индиски мигранти и е прв премиер на Велика Британија, припадник на етничко малцинство. Тој со неговите 42 години е најмладиот премиер во последниве, повеќе од 200 години.
Марија Котовска
