Нови детали од аферата „Тајни имоти“
ВМРО-ДПМНЕ започна со објавување на имиња на лица, како што велат, блиски до владејачката партија и нејзини членови кои немаат доставено листа на што поседуваат до Антикорупциската комисија. Немам никакви сознанија за тоа што го објавува ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Ковачевски за аферата „Тајни имоти“. Секој фунционер е должен да го пријави својот имот, вели премиерот...

Аналитичар, член на Управен одбор во Фондот на холокаустот, адвокат-партиски функционер на СДСМ, директор на јавно претпријатие и член на Управен одбор во Здравствен дом Берово не поднеле анкетни листови, а како што тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ во аферата „Тајни имоти“, лицата поседуваат фирми, здруженија, станови и скапи автомобили. Се работи за луѓе кои имаат директни релации со врвот на власта, кои кријат имот, тврдат од опозициската партија.
„Ова се само дел од функционерите кои кријат имот, а се директно поврзани со врвот на власта. Очекувано ДКСК да ја брани злоупотребата на законот од СДС затоа што тоа е веќе видена пракса, ДКСК работи по диктат на СДС. Ја повикуваме ДКСК и останатите институции да почнат да си ја вршат работата“, изјави пратникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Премиерот Ковачевски за аферата објавена од опозициската партија вели-сè што имаат нека поднесат до институциите за да испитаат дали некој негов функционер не го пријавил стекнатиот имот.
„Немам никакви сознанија за аферата што ја објави вчера ВМРО-ДПМНЕ за тајни имоти на владини функционери, но сè што имаат како индикации да го достават до Антикорупциската комисија. Секој функционер е должен се она што има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што сум направил јас“, рече премиерот Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ бара институциите да постапат по ваквите наводи, а функционерите да поднесат оставки.
Миле Ристески
