Повисок коефициент и систематизација со факултет бараат медицинските сестри
Изнаоѓање соодветни решенија за проблемите со коефициентите и признавањето на високото образование на здравствените работници во нашата земја е барање на Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „За нас“. Од средбата со синдикалните лидери очекуваат да се чуе нивниот глас кај надлежните во Министерство за здравство...

Габриела Савеска, веќе две децении е медицинска сестра во тетовската болница. Покрај долгогодишното работно искуство, завршила и факултет за подобро да се грижи за пациентите. Но, не добива поголема плата или додаток бидејќи дипломирала по 31-ви јули 2021 година, откако помината временската рамка од Анекс договорот пред која со додаток на плата од 6.000 денари здравствените институции им надоместуваат за високото образование на медицинските сестри, лаборанти и физиотерапевти.
Претставничката на медицинските сетри, акушерки, вели дека додатокот на платата бил преодно решение. Кадарот се образува, државата отвора петта висока школа за медицински сестри, па прашува зошто државата школува кадар кога не го плаќа. Мал број менаџери со систематизација го имаат решено проблемот и го имаат вреднувано нивото образование. Капитацискиот бод е исто така проблем.
И лаборантите бараат поголем коефициент за средниот персонал, велат работата им е одговорна, од нивата анализа зависи каква дијагноза ќе добие пациентот и како ќе биде лекуван.
Медицинските работници своите проблеми и барања ги изнесоа пред синдикалните лидери. Договорена е средба со министерот за здравство во понеделник. Прво барање кое ќе биде изнесено е зголемување на коефициентот на сестрите со средно образование за 5% линеарно за сите. Второто барање, министерот да ги задолжи менаџерите на јавните здравствени установи да направат систематизација, сестрите со високо образование да добијат нови решенија. И да се направи систематизација за сестрите со специјализација.
Наташа Ј. Менковски
