Загреб

Џафери: Не можам да прифатам дека не успеавме да го спречиме нечовечното однесување на Русија кон Украина

25.10.2022 14:35

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери во Загреб учествуваше на Првиот парламентарен самит на Меѓународната платформа за Крим, во организација на хрватскиот Сабор и Врховната рада на Украина...

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери во Загреб учествуваше на Првиот парламентарен самит на Меѓународната платформа за Крим, во организација на хрватскиот Сабор и Врховната рада на Украина. На состанокот беа присутни над 50 парламентарни делегации.

„Не можам да прифатам дека светот, сите ние, не успеавме да спречиме окупаторското, недемократското, нечовечното однесување на Руската федерација кон Украина, во ера на цивилизиран и прогресивен свет. Свет кој видел многу, кој страдал толку многу за човек да помисли дека лекцијата е научена. За жал, не е така“, изјави Џафери.

Меѓународната платформа за Крим претставува формат за консултација и координација меѓу државите и меѓународните организации кои го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со цел ефикасен одговор на безбедносните закани, спречување на понатамошно кршење на човековите права и мирно враќање на окупираните делови на Украина.