Ќе има зимско сметање на времето за да се заштеди електрична и топлинска енергија
Владата одлучи зимава, сепак, да нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври, и викендов стрелките на часовникот ќе се поместат еден час назад, со што ќе почне зимското сметање на времето...

Владата одлучи зимава, сепак, да нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври, и викендов стрелките на часовникот ќе се поместат еден час назад, со што ќе почне зимското сметање на времето.
Од Владата информираат дека според пресметките за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 отсто за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија.
Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека била разгледана информацијата од Министерството за економија кои проценките ги правеле во соработка со министерствата за финансии, за внатрешни работи, за образование и наука, за труд и социјална политика, како и со Агенцијата за електронски комуникации, Биро за метрологија, Стопанска комора на Северна Македонија, Управа за хидрометеоролошки работи, Стопанска комора на северозападна Македонија и Економскиот факултет – Скопје.
