Звезда на колена пред Цибона

24.04.2014 22:55

Цибона е во финалето на АБА лигата, Цибона се враќа во Евролига, Цибона ја совлада доминантната Црвена Звезда во првото јадранско полуфинале.

75:70 во Белградска Арена, зад 28 поени на несопирливиот Блесингејм и 21 поени со 15 скокови на Шариќ. 25 постигна Блажиќ, чии што солзи на крајот на мечот ја отсликуваат вистинската болка по овој пораз.

Само втора победа на Цибона во 14 дуели во Белград во АБА лигата, вкупниот скор е 15:11 за Звезда. Очајните две тројки во 31 обид, неверојатната константност во играта на Цибона, маестралните три четвртини на Загребчани и фуриозната последна  но недоволна за Звезда, го одбележаа овој меч на регионалните кошаркарски великани.

Звезда е поквалитетна екипа од нас, имаше одлична сезона со само 4 порази. Овој систем на натпреварување можеби е и неправеден, но ние го искористивме моментот. Знаевме дека домаќинот ќе биде нервозен и успеавме да одиграме според договорот од првата минута до крајот. Радоста на моите кошаркари, е најголемата награда за мене“, рече Славен Римац, тренер на Цибона

Утре во 20 часот се среќаваат Партизан и Цедевита, на истиот терен, во истото време – 20 часот, собраниски сервис на МТВ, второ полуфинале на 13 фајнал фор во јадранската кошаркарска лига. Финалето е в недела, во истиот термин.