Култура

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Филип Фидановски пред кичевската публика

26.10.2022 10:25

Со оваа изложба му се оддава почит на Пабло Пикасо, кој повеќе пати е опишуван како најдобар и најрепрезентативен уметник на 20 век, од раката на Филип Фидановски, чија кариера во голема мера е посветена на реинтерпретација на делата на уметникот од Малага, преку различни формати и материјали ги реализира на свој единствен начин.

Вечерва во 19 часот во Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево ќе биде отворена изложбата на уметникот Филип Фидановски „Пикасо, можеби јас“, поддржана од Амбасадата на Шпанија во Скопје.

Изложбата се поставува по повод 140-годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо, а авторот на изложбата Филип Фидановски инспириран од големиот шпански уметник ја создава и претставува пред скопската публика уште во 2016 година. По големиот успех во 2016 година, изложбата „Пикасо, можеби јас“, од вечерва па до 4-ти ноември кичевчани ќе имаат можност да уживаат во оваа изложба која ги обединува македонскиот талент и шпанската инспирација.

Со оваа изложба му се оддава почит на Пабло Пикасо, кој повеќе пати е опишуван како најдобар и најрепрезентативен уметник на 20 век, од раката на Филип Фидановски, чија кариера во голема мера е посветена на реинтерпретација на делата на уметникот од Малага, преку различни формати и материјали ги реализира на свој единствен начин.

Неговата кариера, инспирирана од неисцрпното наследство на Пикасо, покренува дијалектика меѓу двајцата уметници, која Фидановски ја решава преку формални одговори во текот на неговата кариера, но секогаш со многу лични и современи резултати, кои ни овозможуваат да размислуваме за трасираната патека и да уживаме во една крајно модерна и класична естетика, разновидна и уредна.