Разрешување на директорот до полноќ, или штрајк-Синдикатот со услов до Арсовска
Денеска на полноќ е крајниот рок, Арсовска да го разреши директорот на Водовод и канализација-Синдикатот со услов до градските власти. Во спротивно, утре извршниот одбор ќе донесе одлука за активирање на штрајк. ССМ со барање до труд и социјала да одреди лиценциран медијатор. За Арсовска, најавите за штрајк и евентуален прекин во снабдувањето со вода се закани, за собирање политички поени. Побара Обвинителството да дејствува веднаш…

На полноќ истекува крајниот рок до кога синдикатот бара од градоначалничката Арсовска да го разреши директорот на Водовод и канализација. Доколку нема потврден одговор, утре извршниот одбор ќе донесе одлука за штрајк, вели за МТВ претседателот на ССМ, Димовски. Од труд и социјална политика се бара да назначи лиценциран медијатор, за во наредните 10 дена според законскиот рок, се најде решение. Сепак, Димовски не е оптимист.
Министерката Тренчевска не гледа пречка, по примерот со СОНК, да се именува медијаторот, за да се најде заемно прифатливо решение, кое би било во интерес на вработените во Водовод, но секако и на жителите на Скопје.
Од кабинетот на Арсовска за МТВ велат дека нема промени во ставовите на градоначалничката. Барањето за разрешување на директорот, најавата за штрајк и евентуалниот прекин на снабдувањето со вода во Скопје, таа ги оцени како закани. Штрајкот не е за работнички права, туку за политички поени. Го повика Обвинителството да реагира веднаш. Пред неколку дена изјави дека во последните 10 години ЈП Водовод и Канализација било претворено во партиска канцеларија за вработување. Тврди дека никој нема да биде отпуштен, туку ќе има хоризонтална реорганизација.
Синдикатите пак, обвинуваат дека актуелниот директор се заканувал на вработени, најавувал нова систематизација во претпријатието и отпуштање работници. Се повикуваат и на извештајот од Инспекторатот за труд, кој нотирал неправилности во работењето.
Милчо Велески
