Енергетика

Пресметките се прават, гасот се чека

26.10.2022 14:11

Владата прави пресметки како училиштата, болниците и јавните водостопански претпријатија да бидат снабдувани со струја преку ЕСМ Продажба. Клучот тоа да се случи е приватната термоцентрала Те-То од ноември да почне со работа. Во меѓувреме, се чекаат конечни понуди за набавка на гас од три компании. Владата уверува- граѓаните нема да останат со студени радијатори. Повика на рационална потрошувачка на струја...

Владата сè уште прави анализи за можноста училиштата, болниците и јавните водостопански претпријатија да бидат снабдувани со струја преку ЕСМ Продажба. Намерата е нивните потреби да се покријат преку зголемено домашно производство, а клучот тоа да се случи е приватната термоцентрала Те-То од ноември да почне со работа.

„Во овој момент се прават максимални напори да се зголеми домашното производство, што значи дека ќе се потрудиме сите дополнителни количини најпрво да бидат обезбедени преку домашно производство. Знаете дека една од опциите за обезбедување на домашно производство е преку работата на Те-То. По проектирањето на бројките, количините и бројките, точно ќе се знае која количина електрична енергија од каде ќе биде покриена“, изјави Виктор Андонов, советник за енергетика во Владата.

Во меѓувреме, се чекаат конечни понуди за набавка на гас од три компании. Октомври истекува, Владата уверува дека граѓаните нема да останат со студени радијатори.

„Побарано е во наредните неколку дена компании да ги достават потребните документи за да ја докажат сериозноста на својата понуда за обезбедените количини, договор за техничка соработка, потребни гаранции“, додава Андонов.

Владата повика да се рационализира потрошувачката на струја и да се покаже солидарност за да се избегнат рестрикции како најцрно сценарио. Според последниот енергетски биланс, домашните капацитети целосно ги задоволиле дневните потреби на граѓаните и на малите потрошувачи, но проблем има во РЕК Осломеј, каде што поради пукната цевка има 48-часовен прекин на работата. Дефектот се санира, а потребите се задоволуваат преку другите енергетски капацитети и поинтензивно производство во двата блока на РЕК Битола. Се очекува РЕК Осломеј од сабота повторно да биде оперативен.

Мартин Пушевски