Охрид

Создадени услови за развој на безбеден авантуристички туризам

26.10.2022 14:51

Охридскиот регион е подготвен за развој на безбеден авантуристички туризам. За овој вид туризам еден од најважните сегменти е безбедноста на туристите, а тоа е обезбедено преку проектот за прекугранична соработка со Албанија кој беше финансиран од европската унија. Сепак останува отворено прашањето околу финансирањето на планинската спасителна служба, бидејќи општините иако ветија поддршка засега не издвојуваат ниту денар.

Во Охрид е заокружен проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија. Проектот што го реализираше Црвениот крст од Охрид во партнерство со општините Дебрца и Грамш од Албанија, како и со алпинистичкиот клуб „Патагонија“ беше насочен кон развој на авантуристички туризам од една страна, меѓутоа главниот фокус беше ставен на безбедноста што е основен предуслов за развој на овој вид туризам.

„Креиравме нови туристички производи во авантуристичкиот туризам, изградивме планински дом во општина Дебрца во село Брежани. Она што е клучно ја доопремивме планинската спасителна служба за ефикасно и безбедно делување во зимски услови. Набавивме специјализирана опрема за мобилност во зимски услови, набавивме опрема за безбедност на нашите тимови, така што сега сме комплетни, можеме да делуваме во било какви услови на терен“, изјави Антонио Додевски-раководител на Планинската спасителна служба Охрид.

„Се надеваме дека овој проект ќе придонесе за промоција на овој регион како безбедно место за туризам. Особено за тие коишто сакаат да го истражуваат регионот, да бидат поблиску до природата, да уживаат во зимските спортови и многу сум среќна што проектот посебно внимание посветуваше на заштитата на животната средина“, рече Мариа Канелопулу, раководител за прекугранична соработка при Евроската делегација Скопје.

Сепак останува отворено прашањето околу финансирањето на оваа волонтерска планинска спасителна служба. Општините од регионот засега не издвоиле ниту денар за нејзиното функционирање.

„Ние како општини од Југозападниот плански регион, посебно од охридскиот регион сите потпишавме меморандум за соработка со спасителната служба, да ја поддржиме. Сега тука изостанува финансиската поддршка којашто треба во наредниот период навистина да се даде на спасителната служба која е неопходна за развој на планинскиот туризам“, изјави Зоран Ногачески-градоначалник на општина Дебрца.

Националниот сојуз за планинско спасување има отворена покана од Бордот на националните служби за планинско спасување во светот ИКАР да премине во категорија А, меѓутоа ќе треба да се работи на пресликување на активностите на охридската спасителна служба на целата територија на државата.

Сашо Нелоски