Митинг на ВМРО ДПМНЕ во Пробиштип
На 13-ти април, Пробиштип даде двапати поголема поддршка за Иванов и за ВМРО ДПМНЕ, на 27-ми очекуваме тројно повеќе гласови за Коалицијата За подобра Македонија. Вака на пробиштипјани им се обрати претседателот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски, на митингот кој вечерва се одржа во Пробиштип.
Поддршката, Груевски ја побара, за како што рече големиот број реализирани проекти за оваа општина, но и за источна Македонија , воопшто.
За регионот на Пробиштип и околината, делата на ВМРО, рече Груевски тоа се гледаат во: 70 милиони евра инвестирани во изгрдаба на првата фаза од ХС „Злетовица“, 40 милиони евра за патот Пробиштип – Свети Николе, 1,5 милиони евра за адаптација на Филтер станицата, како и донесувањето на законот за решавање на статусот на професионалните војници и војници кои поради старост заминале од Армијата, а нивниот број во Пробиштип е околу 300.
Најновата, индиректна придобивка, за жителите на овој дел од државата е најновата најавена инвестиција на компанијата „Веибо груп“ која ќе отвора погон во североисточа Македонија во кои се предвидени 5.000 нови вработувања:
„Ќе се инвестираат 400 милиони долари, во првата фаза ќе се вложат 180 милиони долари, а до крајот до четвртата-петтата година 400 милиони долари. Тоа е огромна инвестиција, тоа е најголемата инвестиција и по бројот на вработени и по големината на инвестицијата. Во оваа фабрика ќе се вработуваат луѓе од текстилната индустрија но и од други сектори. ќе требаат комерцијалисти, правници, сметководители. Станува збор за еден огромен конгломерат којшто ќе биде најголема фабрика во Република Македонија“, рече Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ
Дополнително за наредните четири години, програмата на ВМРО ДПМНЕ за источниот дел на Македонија, но и за цела држава, предвидува исклучително значајни проекти, кои се проектирани првенствено врз потребите и барањата на граѓаните, истакна Груевски пред пробиштипјани:
„Ќе работиме за отворање на нови 64.000 работни места, планирани се инвестициски проекти за наводнување на нови 24.350 ХА земјоделско земјиште, планираме и засилени инвестициски проекти за проширување и рехабилитација на сите постојни хидросистеми во државата“, рече Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ
За сево ова да се реализира, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и носителот на листа во Изборната единица 3, Никола Тодоров, на 27-ми ја побараа безрезервната поддршка од граѓаните и тоа за 14 пратеници во оваа изборна единица и за 63 на ниво на држава.
Поддршка за втор мандат од граѓаните на Пробиштип побара и кандидатот за претседател Ѓорге Иванов. Тој во своето обраќање истакна дека како Претседателот на Република Македонија бил глас на секој македонски граѓанин, глас на државното единство, заедништво и патриотизмот. Ја претставувал Македонија во светот како суверена и независна држава чија мирољубивост придонесува за стабилноста на регионот. Со гласот на граѓаните, заедно со останатите нивоа на власта, ги спроведувале реформите со кои ја приближиле Македонија кон Европа и со кои ја граделе Европа во Македонија.
Освен што побара поддршка, Иванов од Пробиштип уште една ш истакна дека нема да ги изневери очекувањата на граѓаните за суштинските прашања за државата и националниот идентитет:
„Нема да прифатам промена на Уставот на Република Македонија. Не прифаќам промена на уставното име на Република Македонија. не прифаќам идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет“, рече Ѓорге Иванов, кандидат за претседател на РМ
Пред пробиштипјани свое обраќање имаат и кандидатите за пратеници кои потекнуваат од овој дел на државата Емил Димитриев, Владимир Ѓорчев, како и претставници на политичките партии кои се дел од Коалицијата.
Оливера Жежова
