Србија

Српското Собрание вечерва ја изгласа новата 17-та влада, Ана Брнабиќ по трет пат премиерка

26.10.2022 22:49

Новата Влада ќе има 28 министри, 25 министерства и три министри без ресор. Столбот на Владата ќе биде од редовите од коалицијата на СНС и СПС и од редовите на малцинските партии, со што во владата за прв пат се најде и претставник на хрватското малцинство во Србија, Томислав Жигманов...

Српското собрание со 157 гласа за и 68 гласа против ја изгласа новата Влада на Србија, 17-та по ред, со што Ана Брнабиќ по трет пат стана српска премиерка.

Новата Влада ќе има 28 министри, 25 министерства и три министри без ресор. Столбот на Владата ќе биде од редовите од коалицијата на СНС и СПС и од редовите на малцинските партии, со што во владата за прв пат се најде и претставник на хрватското малцинство во Србија, Томислав Жигманов.

Седум министри од составот во заминување ги задржаа своите ресори меѓу кои се Синиша Мали во финансии, Бранко Ружиќ во образование, Маја Гојковиќ во култура, Томислав Момировиќ од транспорт и инфраструктура премина во Министерството за надворешна и внатрешна трговија, како и Никола Селаковиќ, кој како шеф на дипломатијата оди во Министерството за демографија.

Во Владата се враќа Братислав Гашиќ кој беше прв човек на Безбедносно-разузнавачката агенција (БИА), а сега е прв човек на полицијата.

Шеф на дипломатијата, вицепремиер и координатор на безбедносно-разузнавачките агенции ќе биде Ивица Дачиќ, а од оние кои за прв пат станаа министри се и градоначалникот на Нови Сад Милош Вучевиќ кој е вицепремиер и министер за одбрана, Тања Мишчевиќ за евроинтеграции, Дубравка Негре за енергетика и Даница Грујичиќ во здравство.

Ана Брнабиќ вчера пред пратениците го претстави експозето, кое претставува континуитет на политиката од претходните влади, посочувајќи дека приоритети на новата влада ќе бидат новата енергетска политика, продолжување на европскиот пат со неселективно почитување на меѓународното право, зачувување на стабилноста, растот и развојот.

Оливер Бранковиќ