Костадиновска-Стојчевска: КИЦ Загреб е уште една македонска порта кон заедничките културни европски вредности
„По Истанбул, Софија, Тирана, Њујорк, Загреб е петтиот македонски КИЦ во светот. Сите центри, набргу по нивното отворање, го положија испитот за нивната оправданост и неопходност. Гледам дека КИЦ во Загреб цели кон висока оценка на тој испит“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста по повод официјалното отворање на македонскиот Културно-информативен центар во Хрватска...

„По Истанбул, Софија, Тирана, Њујорк, Загреб е петтиот македонски КИЦ во светот. Сите центри, набргу по нивното отворање, го положија испитот за нивната оправданост и неопходност. Гледам дека КИЦ во Загреб цели кон висока оценка на тој испит“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста по повод официјалното отворање на македонскиот Културно-информативен центар во Хрватска.
Костадиновска-Стојчевска на бројните гости, меѓу кои беше и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, им посака добре дојде во македонскиот Културно-информативен центар во главниот град на нам блиската и пријателска Хрватска за чии граѓани, како што кажа, нашата музика, нашата уметност, култура, нашите традиционални вредности имаат посебно место во нивните срца.
Министерката за култура потсети дека Одлуката за основање на КИЦ во Загреб е донесена пред година и половина и набргу започнаа подготовките за неговото отворање. Таа упати благодарност до директорката на ова катче на македонската култура во Загреб, Наталија Поповска, која со успех веќе ја реализира и програмата.
Таа посочи дека преку Годишната програма за поддршка на проекти од областа на културата, Министерството за култура со години ги поддржува проектите на Здружението на хрватската заедница во Македонија.
Хрватската министерка за култура и медиуми Нина Обуљен Коржинек изрази задоволство што заедно со македонската министерка за култура го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, кој, како што рече, ќе биде центар не само на нови знаења за вредната македонска култура, но и нова платформа за презентација за македонските уметници, во корист на уште поплодна заедничка културна соработка.
Свеченото отворање на петтиот македонски КИЦ во светот кој се наоѓа на улицата „Хебрангова“ број 4 во Загреб, беше збогатено со изложба на уметнички фотографии „Македонија низ објективот на хрватски фотограф Марио Пуциќ“.
