Иран

Иран изрече санкции за ЕУ

27.10.2022 13:43

Иранското Министерство за надворешни работи ја предупреди Унијата да запре со досегашните политики...

Иран изрече санкции за осум тела на Европската Унија и 12 поединци со обвинување дека нудат поддршка на тероризам, насилство и екстремизам за време на тековните протести во земјата. Иранското Министерство за надворешни работи ја предупреди Унијата да запре со досегашните политики.

„Би сакал да ја предупредам ЕУ да не продолжува со неконструктивната, повторувачка и неуспешна политика што ја водеа во последните години. Очигледно е дека мал број земји од ЕУ имаат екстремистички и избрзани ставови во однос на регионалните и меѓународните случувања“, изјави Хосеин Амирабдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.

Неодамна, иранскиот претседател го обвини и Вашингтон дека води „неуспешна политика на дестабилизација“ насочена кон неговата нација. САД воведоа нови санкции против членовите на Иранската разузнавачка агенција, водачите на Иранската револуционерна гарда и чуварите на затворите поради репресијата врз демонстрантите и попречување на пристапот до интернет.

„Раководството на Иран се соочува со проблем што самите го создадоа и продолжуваат да ги обвинуваат САД за поттикнување на овие протести. И да бидеме јасни, овие протести се однесуваат на иранскиот народ и нивните барања. Дезинформации на режимот се дека Соединетите држави стојат зад овие протести“, изјави Ведант Пател, портпарол на Стејт Департментот.

Претставниците на американскиот Стејт департмент ги повторуваат напорите за поддршка на демонстрантите во Иран кои протестираат во 100 градови по смртта на Махса Амини, младата жена која почина откако беше притворена од иранската полиција за морал минатиот месец. На 40 дена од нејзината смрт, вчерашните демонстрациите беа задушени со солзавец и гумени куршуми од страна на полицијата.

Маријана Димовска