Различни ставови за уставните измени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека пратениците од неговата партија нема да поддржат менување на највисокиот правен акт под вакви околности. Партиите од албанскиот опозициски блок не отстапуваат од нивните услови. Ковачевски е подготвен за седне на маса со Мицкоски и другите лидери со цел да се постигне договор за уставните измени…

По оптимизмот на шефицата на европската комисија Урсула Фон дер Лајен дека ќе се постигне мнозинство и ќе се изгласаат уставните измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека пратениците од неговата партија нема да поддржат менување на највисокиот правен акт под вакви околности. Мицкоски забележа и дека упорно се греши со нашиот идентитет нарекувајќи нè „северномакедонци“. Очекува извинување од Фон дер Лајен.
„ВМРО-ДПМНЕ под овие услови и под овие околности нема да ги поддржи уставните измени. Јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција за тоа, под вакви услови нема да ги поддржиме измените“, нагласи Мицкоски.
Партиите од албанскиот опозициски блок не отстапуваат од нивните услови. Претседателот на Беса, Биљал Касами рече дека поддржува уставни измени, но само ако се тргне и дефиницијата 20% за албанскиот јазик.
„Со последниот попис се докажа дека повеќе од 20% се Албанци во Македонија, и нема некој друг народ блиску до 19% за да чекаме дали ќе се исполни тој услов. Што се однесува до другите механизми за поддршка на немнозинските заедници, мислам дека е тоа во делот на регулирање на државата“, изјави Касами.
Премиерот Ковачевски е подготвен за седне на маса со Мицкоски и другите лидери со цел да се постигне договор за уставните измени.
Ставот на шефот на државата Пендаровски е дека не треба да се брза со процесот за вметнување на Бугарите во преамбулата, затоа што како што рече, има уште 14 месеци до завршување на скринингот.
Спикерот Џафери, пак, со став-пред отворањето на Уставот треба да се спроведе широка дебата, а политичките партии да се изјаснат за уставните промени.
Анита Димитријевска Велковска
