Западен Балкан со заеднички настап на светските туристички пазари
Тур-ореторите од Западен Балкан во иднина заеднички да го промовираат регионот на светските туристички пазари. Тоа е целта на проектот на УСАИД и ГИЗ со кој е предвидено формирање на регионално здружение за авантуристички туризам во кој ќе членуваат најголемите тур-оператори, со што промоцијата на Балканот на светските туристички пазари ќе добие на квалитет и создавање на регионални туристички производи...

Западниот Балкан има богата авантуристичка понуда која е далеку поуникатна отколку во останатите европски земји. Цивилизациите кои се испреплетувале на овие простори придонеле да имаме богата историја, култура и традиција што во комбинација со природните убавини се нашите главни адути. Ова е ставот на тур-операторите од регионот кои учествуваат тридневниот регионален собир за авантуристички туризам под наслов „Повторно поврзување во Охрид“, којшто е во организација на Американската агенција за меѓународен развој и Германската агенција за техничка соработка.
„Масовниот туризам Египет, Турција, Малдиви тоа ќе постои, тоа не можеме да го уништиме. Крузерите ќе продолжат да одат и понатаму, но има нов тренд на авантуристички туризам кој не сакаат да го платат евтино нивното патување, туку ја плаќаат авантурата, ја плаќаат уникатноста на тие продукти“, рече Горан Јанески, македонски тур-оператор.
Целта на УСАИД И ГИЗ е 25 водечки тур-оператори од 6 држави на Западниот Балкан да се вмрежат и од регионот да создадат меѓународно препознатлива и одржлива дестинација за авантуристички туризам.
„Ние очекуваме да се креира уште поголема понуда,значи повеќе од една страна, да се користи целиот пазар на Западен Балкан како една дестинација. Ние сме над 18 милиони пазар сами по себе, а здружено сите заедно да се обидат да ги освојуваат меѓународните пазари“, рече Аница Палацо, советник во регионалниот проект на ГИЗ.
„Една од главните цели на овој настан, денеска и во следните неколку денови ќе биде поттикнување на соработка помеѓу асоцијациите и компаниите од Западен Балкан кои работат во секторот на авантуристички, еко и рурален туризам и во истовреме разгледување на можноста за креирање на една заедничка регионална асоцијација“, вели Јасминка Варналиева, директор на проект финансиран од УСАИД.
Формирањето на регионално здружение за авантуристички туризам не само што ќе ги обедини тур-операторите и давателите на услуги, туку ќе придонесе и за подобрување на квалитетот на туристичките производи и хармонизација на стандардите во целиот регион.
Сашо Нелоски
