Грчки печат: Моќта на ВМРО-ДПМНЕ ќе се зголеми, а на СДСМ ќе се намали
Сите информираат дека наспроти очекувањата за зголемување на моќта на владејачката партија, се очекува и намалување на моќта на опозицијата предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Зоран Заев...

Удобна победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ре-избор на Ѓорге Иванов за претседател се предвидувања во извештаите на грчкиот печат за претстојните избори во Македонија, јавува дописникот на МРТ од Атина.
„Според предвидувањата на речиси сите политички аналитичари, на предвремените парламентарни избори во Македонија во недела се очекува ВМРО-ДПМНЕ не само да ја задржи моќта од претходните парламентарни избори кои што беа одржани во јуни 2011 (од 56 пратеници), туку и да ја зголеми, достигнувајќи можеби и 62 пратеници што ќе значи управувачко мнозинство во Парламентот на Македонија кој што има 123 пратеници“, се вели во извештајот на грчката државна новинска агенција пренесен во грчките весници.
Сите информираат дека наспроти очекувањата за зголемување на моќта на владејачката партија, се очекува и намалување на моќта на опозицијата предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Зоран Заев, која што на последните парламентарни избори имаше 42 места.
„Истовремено со парламентарните избори во недела ќе се одржи и вториот круг на претседателските избори, во кој што ќе учествуваат актуелниот претседател на Македонија и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорги Иванов и кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, од кои што за првиот е речиси и сигурно дека ќе освои уште еден мандат“, информира „Прототема“.
Националистичкиот весник „Стохос“ пак објави критика насочена кон претседателот на Европската Народна Партија, Џозеф Дол поради тоа што како што велат ја поддржувал ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, а нас не нарекувал Македонци.
„Под водството на премиерот Груевски и неговата влада, која што е влада на сите македонски граѓани, дојде до развој на економијата и се надмина бурата предизвикана од глобалната економска криза“, е дел од пораката на Дол упатена до македонските граѓани која што „Стохос“ ја цитира, критикувајќи го за тоа што „два пати го искористил зборот Македонци“.
Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина
