„Чешмата- убиец“ во битолско продолжува да зема жртви
Битолчани и жителите од околните села на излетничкото место „Кисела Вода“ вознемирени по вчерашниот немил настан кога двајца браќа на возраст од 63 и 68 години се задушиле во јамата полнејќи кисела вода од „чешмата-убиец“ која во одредени моменти испушта енормни количини на отровни гасови. Во последните над три децении оттука животот го загубиле над десет лица од најразлична возраст, а само во последните три години регистрирани се три задушувања…

По вчерашниот немил настан, претпладнето штама во излетничкото место „Кисела Вода“. На периоди по некое возило се упатува кон месноста Сребрена вода, а погледите на посетителите упатени кон чешмата, пред која пред половина век се чекаше во долги колони да се наполни кисела вода. Но, според кажувањата на повозрасните, поради одредени градежни зафати над три децении го носи името „чешма-убиец“, која задушила над десет лица од кои три само во последните три години.
Иако на влезот стои табла „Опасно по живот“, сè уште има такви кои посегнуваат по клучот покрај катанецот на затворената врата. Домаќинот на црквата во Сребрена вода и честите минувачи бараат да се преземат посериозни мерки од надлежните, а оние најтврдоглавите да се водат барем од некои предупредувачки симптоми кои ги почувствува и нашата екипа.
Од ресорните одделенија на општината, велат дека порано со челична мрежа бил обезбеден просторот, но од непознати причини некој ја отстранил. Овој пат велат, согласно со законската регулатива ќе побараат од надлежните државни институции за институционална координација за решавање на овој горлив проблем.
Стевче Митревски
