САД и Русија се „препукуваат“ за Украина

25.04.2014 09:56

Русија, меѓутоа, ги негира сите обвинувања дека е одговорна за ескалација и за разгорување на кризата, тврдејќи дека Западот е тој којшто не се прдржува до договорот од Женева...

Русија не презема ни еден единствен чекор за исполнување на условите од договорот за деескалација на напнатоста во Украина постигнат пред една недела, порача американскиот државен секретар Џон Кери. Се закани со дополнителни санкции за Москва и порача дека земјата ќе загуби многу доколку не преземе мерки за намалување на кризата.

„По најновите заканувачки потези од страна Русија, сакам да бидам јасен, ако таа продолжи во овој правец, тоа ќе биде мошне скапа грешка. Светот останува обединет со Украина. Претседателот Путин и земјата имаат избор. А како што истакна претседателот Обама, ние сме подготвени да дејствуваме“, изјави Џон Кери, американски државен секретар.

Русија, меѓутоа, ги негира сите обвинувања дека е одговорна за ескалација и за разгорување на кризата, тврдејќи дека Западот е тој којшто не се прдржува до договорот од Женева. Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин изјави дека Русија ќе се сети на дозволата за испраќање вооружени сили во Украина доколку се влоши состојбата на југоистокот од земјата. Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, рече дека Русија мора да реагира на ситуацијата во југоисточна Украина.

„Дадено е зелено светло да се употребува огнено оружје против цивили, против жителите на сопствената земја. Ако оваа воена машина не се сопре, ќе доведе до голем број жртви. Воените вежби на НАТО во Полска и во другите Балтички земји, не помагаа во ситуацијата“, рече Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.

Украина во меѓувреме побара од Русија да даде објаснување воените вежби во близина на нејзината граница во рок од 48 часа, коишто почнаа вчера. Според НАТО, на украинската граница има околу 40 илјади руски војници. Германскиот министер за надворешни работи, Штајнмаер,во обид за спас на договорот од Женева, побара ОБСЕ повеќе да се вклучи во украинскиот конфликт. 

 

Марина Автовска