По 20 години, „Буре Барут“ во Прилеп

25.04.2014 10:13

По дваесет години познатиот и прославен во странство текст на Дејан Дуковски „Буре Барут“ повторно на сцена во Македонија. Претставата полна со симболика е прва соработка на режисерот и на ансамблот на прилепскиот театар, кому ова е и прва премиера сезонава. Годинава е посветена на жените режисери...

Точно по дваесет години „Буре Барут на Дејан Дуковски е вторпат премиерно на македонска сцена. За режисерот Наташа Поплавска, текстовите на Дуковски се поставувани трипати повеќе на странските сцени и затоа ова е посебен предизвик.  Инспирацијата е во актерската екипа полна со енергија

„Мојата длабока , внатрешна желба да поставам текст на Дејан Дуковски постои веќе 20 години. За мене актерот е инспирација за творење и музиката. Токму затоа, во оваа претстава, покрај „Буре барут“ ќе го најдете мојот личен коментар во музиката на нашата голема музичка група Мизар“, вели режисерот Наташа Поплавска.

Ако за авторот „Буре барут“ е надеж дека денеска не носи порака за агресијата и војната, за актерите првата соработка со режисерот е нова енергија и истражување.

„Соработката со секој режисер носи нова енергија“, вели актерот Димитар Ѓоргиески.

„Ни даде целосна слобода и го ценам тоа“, вели актерката Катерина Чакмакоска.

Освен што македонската „Буре барут“ се игра по 20 години, полна е и со симболика. Секогаш ќе се игра пред 111 седишта, а бројот е поврзан и со реплика во претставата.

Годинава е посветена на жените режисери.

„Веќе од следната недела започнуваме со подготовки на „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ и последниот проект е текстот „Адам и Ева“ по Крлежа во режија на Ања Максиќ, режисерка од Загреб“, вели Стојан Дамчески, раководител на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

Камерната претстава „Буре Барут“ доби своја веб страница и две премиери. Втората е утревечер.

 

 

Елизабета Митреска