Големи штети во Украина по руските напади со беспилотни летала
Зеленски изјави дека во изминатите два дена украинските сили соборила речиси 30 беспилотни летала. Рускиот претседател Путин ги повика водечките земји на Западот и НАТО да престане непријателството. САД и сојузниците ја критикуваа Русија дека го троши времето на Советот за безбедност на ОН со ширење заговори и повторување на обвинувањата за воени биолошките програми на Вашингтон во Украина...

Битките во Украина продолжуваат. Претседателот Зеленски изјави дека во изминатите два дена украинските сили соборила речиси 30 беспилотни летала. Досега Русија извршила повеќе од осум илјади воздушни напади и истрелала 4.500 проектили предизвикувајќи големи штети и недостиг на електрична енергија во голем дел од земјата.
„Им благодарам на чуварите на нашето небо и на сите што учествуваа во собирањето средства за да се соборат овие летала. Заедно ќе им ги исечеме крилата на сите метални чудовишта, без разлика колку и од каде летаат во правец на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Рускиот претседател Путин ги повика водечките земји на Западот и НАТО да престане непријателството. Според него САД и сојузниците на крајот ќе мора да разговараат со Русија. Американскиот претседател Бајден е скептичен за изјавата на рускиот колега дека нема да употреби нуклеарно оружје во Украина. Портпаролот на Белата куќа вели дека нема средба меѓу двајцата претседатели ниту за време на самитот на Г20 на Бали.
„Целта на вревата околу нуклеарните закани и можната употреба на нуклеарно оружје е многу примитивна. Овој диктат на западните земји, нивниот обид да извршат притисок на сите учесници во меѓународната комуникација, вклучително и неутрални или пријателски земји, не резултира со ништо“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
САД и сојузниците ја критикуваа Русија дека го троши времето на Советот за безбедност на ОН со ширење заговори и повторување на обвинувањата за воени биолошките програми на Вашингтон во Украина.
„Русија не повика овде уште еднаш со единствена цел да шири дезинформации. Сите знаеме дека овие тврдења се чиста измислица изнесена без трошка доказ. Украина нема програма за биолошко оружје. Нема украински лаборатории за биолошко оружје поддржани од САД“, изјави Линда Томас-Гринфилд, постојан претставник на САД во Обединетите нации.
Русија сега се залага за официјална истрага, подготвувајќи резолуција на Советот за безбедност за формирање комисија составена од сите 15 членови на Советот за да ги испита нејзините тврдења.
„Се надеваме дека Комисијата на Советот ќе може многу брзо да ги разјасни сите околности на потенцијално непочитување од страна на Вашингтон и Киев на обврските од конвенцијата во контекст на оперативните биолаборатории. Во зависност од резултатите Русија ќе донесе одлука за тоа како да се придвижи напред за да се обезбеди и национална, регионална и глобална биосигурност“, изјави Василиј Небензија, постојан претставник на Русија во Обединетите нации.
Меѓународната агенција за атомска енергија ќе изврши независна проверка на руските наводи за производство на валкана бомба во Украина. Ова следи по писменото барање од Киев да испрати тимови инспектори на локациите. Русија ја обвини Украина дека се подготвува да употреби такво оружје и тврди дека е во завршна фаза на неговото развивање.
Маријана Димовска
