Новиот предлог модел за субвенционирање презентиран пред лозарите од Тиквешкиот регион
Новиот предлог модел ги става сите чинители во еден организиран систем и ја намалува можноста за плаќање во готово спречувајќи ја сивата економија. Систем кој има зголемен обем на контроли и систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна...

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник во министерството, Трајан Димковски, денес во Кавадарци остварија средба со земјоделците од Тиквешкиот регион пред кои го презентираа новиот предлог модел за субвенционирање во земјоделството, с
Преку Агро Советот и подсекторските групи на министерството новиот предлог модел за субвенционирање беше креиран заедно со земјоделците.
„Предлог новиот модел за субвенционирање дава решение за сите досегашни проблеми кои ги имаше досегашниот систем за субвенционирање. Новиот модел ќе биде побрз и поефикасен, а поддршката е насочена кон вистинскиот земјоделец, чија основна дејност е земјоделството. Не кратиме ништо од досегашната поддршка која ја добиваа земјоделците, туку напротив неа ја зголемуваме и реорганизираме во повеќе програми кој ќе дадат поголема ефикасност. Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов decoupling систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство“, истакна на средбата министерот Николовски.
Новиот предлог модел ги става сите чинители во еден организиран систем и ја намалува можноста за плаќање во готово спречувајќи ја сивата економија. Систем кој има зголемен обем на контроли и систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна.
„Сите земјоделци би добивале основна субвенција која авансно би се исплаќања во висина од 30% од сумата, а ќе биде наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба и 70% дополнителни субвенции кои се врзани со принос, но и предавање во регистрирани капацитети. Тоа значи дека земјоделците кои произведуваат стратешки значајни култури и производи, користат сертифицирано семе и своето производство ќе го предадат во регистрирани домашни капацитети или производството ќе го искористат за сопствени потреби создавајќи финален производ, ќе имаат можност да ги добијат овие дополнителни субвенции за остварен принос“, истакна на средбата Трајан Димковски, државен советник во министерството.
Развојот и модернизацијата на македонското земјоделство е важна цел на која министерството и АФПЗРР заеднички работат изминатиов период.
„Креираме нова мерка за поддршка на земјоделците, односно бизнис план во земјоделството. Мерка која ќе биде отворена цела година преку Програмата за рурален развој и која на земјоделците им дава можност сами да одлучат во што ќе инвестираат. Тогаш кога се тие подготвени, да направат бизнис план и да аплицираат, инвестирајќи во нова опрема или механизација. Покрај програмата за Рурален развој на располагање ја ставаме и новата ИПАРД 3 програма, каде на располагање имаме 210 милиони евра средства наменети за инвестиции во наредните 7 години. Она што е ново кај оваа програма е што обезбедуваме можност и за авансна исплата на 50% од поддршката, а се олеснува и прагот за минимум прифатливите трошоци по проект за мерките 1, 3 и 7 од ИПАРД 3 програмата“, истакна на средбата директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски.
Оваа година преку заеднички дијалог меѓу лозарите и откупувачите постигнавме добра и рекордна откупна цена на грозјето, а поддршка во извозот на македонското вино преку Интервентната програма беше обезбедена и за винариите. Со новиот предлог модел за субвенционирање на лозарите покрај основите субвенции, како дополнителна субвенција се утврдува поддршката за винското и трпезно грозје.
Успешниот развој на малите семејни винарии беше мотив за креирање на развојна програма за поддршка на малите семејни винарии, со цел нивен понатамошен раст и развој, обезбедувајќи грант за поддршка од 10.000 евра, за набавка на опрема за производство и пакување на виното, наведува Министерството.
