Ќе го сочува ли Охрид статусот во УНЕСКО?
Кон средината на наредната година УНЕСКО ќе го разгледува извештајот за тоа колку Охрид и државата ги спроведувале препораките на светската организација кои ги добија пред година и половина и дали охридскиот регион ќе го сочува сегашниот статус или ќе биде поместен на листата на загрозени подрачја. Во изминатиот период, барем според информациите што стигнуваат од надлежните институции напорно се работело на препораките, пред сè во изработка на планови и стратегии, но на терен не се забележуваат активности, особено кога се работи на отстранување на дивоградбите...

Работна група на владата деновиве го заокружи Нацрт планот за рехабилитација на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Во него детално се посочени негативните влијанија коишто го загрозуваат подрачјето заштитено од УНЕСКО, при што меѓу другото се бара забрзување на процесот на отстранување на дивоградбите во заштитениот регион. Сличен став имаат и невладините организации кои укажуваат дека постојано носиме планови и стратегии кои не се реализираат на терен.
„Во најскоро време треба да се забрза отстранувањето на бесправно изградените објекти за коишто веќе е издадено правосилно решение за нивно отстранување и да се направи мапа и инвентар на сите објекти на коишто им претстои отстранување и тоа да биде транспарентно објавено на веб страниците на соодветните министерства и на тој начин јавноста ќе знае колку е постапено, до каде е стигнато со реализацијата на тој план“, рече Ѓоко Зороски, претставник на невладина организација.
Од охридската локална самоуправа велат дека имаат одлична соработка со владата во однос на спроведувањето на препораките на УНЕСКО, меѓутоа укажуваат дека со сегашната динамика е невозможно да ги реализираат сите препораки.
„Наша работа е сериозно да се посветиме на овие теми и се надеваме дека во јуни, јули 2023-та ќе биде позитивен извештајот или во најмала рака ќе биде сличен како тој што ни го дадоа-две години дополнителни, затоа што се очигледни напредоците по однос на она што сме го добиле како забелешки за уште две години да можеме да ги дозавршиме“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Сепак последниот збор ќе го има Реактивната мисија на УНЕСКО, бидејќи нивните претставници доаѓаат на терен и гледаат што е реализирано од препораките, а не што е напишано на хартија. Поради тоа е многу важно да се забрзаат процесите и да не се одолговлекуваат препораките на Комитетот за светско наследство.
Сашо Нелоски
