Струга

Иницијатива за итна стерилизација на кучиња

29.10.2022 11:17

Општина Струга не ја спроведува одлуката на советниците за формирање на ад хок тело за решавање на проблемот со уличните кучиња. Бездомните кучиња во струшко сè се побројни и поопасни за граѓаните, секојдневно се регистрирани напади и каснувања. Градоначалникот Мерко вели се работи на решавање на проблемот...

Нема решение на проблемот со бездомните кучиња во Струга. Струшките советници едногласно изгласаа одлука за формирање на ад хок тело за итно решавање на проблемот со уличните кучиња.

Иницијативата предвидува заловување, стерилизација и хуман третман, но и по пет месеци општината не презема ништо.

„Средствата кои требаше да се одделат за оваа акција се минорни во поглед на она што општината го троши од сопствениот буџет. Значи преку 2 милиони евра општината од својот буџет одделува средства за непродуктивни и некапитални инвестиции а се правдаме дека немаме 8 илјади евра за да го решиме еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат стружани“, вели советникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Кукунеш.

Уличните кучиња во струшко сè се побројни и поопасни за граѓаните, секојдневно се регистрирани напади и каснувања.

„Многу лошо е луѓето се плашат треба општината да води сметка за тоа. Идат глутници вака по десет кучиња, многу лошо е“, вели еден стружанец.

„Проблем е секако, народот се плаши, децата се плашат“, вели една стружанка.

„Некни торбата со ореви ми падна, пет шест кучиња беа и каде да одам. Немаш како да се одбраниш“, вели трет стружанец.

Според законот општините се одговорни за решавање на проблемот со кучињата скитници, но ниту една општина во југозападниот регион нема соодветно прифатилиште. Градоначалникот Мерко вели се работи на решавање на проблемот.

Соња Рилковска