Македонија

Македонија го задржа кредитниот рејтинг на „Фич“

29.10.2022 11:24

Северна Македонија го задржа кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед кој е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс...

Северна Македонија го задржа кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед кој е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.

„Фич“ во извештајот наведува дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, со што ќе се избалансираат негативните влијанија од конфликтот во Украина.

Агенцијата предвидува дека енергетската криза и очекувањата за контракција во еврозоната да влијаат врз растот на македонската економија, кој ќе остане во позитивна зона, а со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, се очекува растот да достигне 3,2% од БДП во 2024 година.

Мерките што ги презема владата како одговор на ценовната и енергетската криза во износ од 750 милиони евра, ќе влијаат врз буџетскиот дефицит во 2022 година, кој Агенцијата очекува да се намали од 2023 година со повлекување на мерките за поддршка на населението и компаниите. „Фич“ очекува државниот долг да достигне 55,2% од БДП до крајот на оваа година и 56% од БДП до 2023 година.