Загинати во поплавите на Филипини, се трага по десетици исчезнати лица
Расте бројот на загинати во поплавите на Филипините. Се трага по десетици исчезнати лица. Поројните дождови предизвикаа поплави и лизгање земјиште во неколку општини на југот на земјата...

Расте бројот на загинати во поплавите и свлечиштата на југот на Филипините. Се трага по десетици исчезнати лица. Властите стравува дека многу луѓе сè уште се заробени во калта и поплавите на островот Минданао. Силните дождови предизвикани од приближувањето на тропската бура „Налгае“ доведоа до поплави и лизгање земјиште во неколку општини во Минданао. Евакуирани се неколку илјади луѓе, многу летови се откажани, а училиштата затворени.
Според министерот за внатрешни работи свлечиште затрупало десетици куќи со дури 60 луѓе во племенското село Кусионг во градот Дату Один Синсут во Минданао. Единаесет тела, претежно на деца, биле ископани од спасувачите во Кусионг.
Десетици провинции и градови беа под тревога за невреме, вклучително и главниот град Манила.
Околу 20 тајфуни и бури го погодуваат филипинскиот архипелаг секоја година. Тој се наоѓа на Тихиот „огнен прстен“, регион долж поголемиот дел од работ на Тихиот Океан каде што има многу вулкански ерупции и земјотреси, што ја прави нацијата една од најподложните во светот.
Марина Ристова
