Реакции за отворањето на Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“
Владата останува на ставот да не испрати свој претставник на отворањето на Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Ќе достави барање до Софија за официјален Македонски културен центар во градот. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски одењето во Бугарија е одлична можност да се покаже национално единство. Бугарскиот премиер Донев смета дека земјава треба да си ја исполни обврската со уставните измени...

Владата нема да испрати свој претставник на отворањето на Mакедонскиот клуб „Никола Вапцаров“, туку ќе испрати барање до бугарската владата да се отвори официјален Македонски културен центар во Благоевград. Премиерот Ковачевски смета дека треба да организираат настани со кои ќе се напушти реториката на поделби.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со партиска делегација ќе оди за Благоевград. Изрази жалење што државниот врв со своето отсуство се одлучил да им слугува на туѓи интереси, а не на македонските. Според Мицкоски присуството на отворањето на клубот е одлична можност да се покаже национално единство.
Бугарскиот премиер Донев пак смета дека треба да се работи на зближување на граѓаните од двете страни на границата и да се најде патот за да можат да разменуваат идеи и културни традиции, но и да има поголема туристичка и образовна размена.
Прашан дали има гаранции дека со вметнувањето на бугарите во македонскиот Устав, нема да има нови блокади, Донев одговори дека Македонија ја прифатила таа обврска не само во протоколот, но и согласно францускиот договор и како што рече таа обврска не важи само за Бугарија туку и за сите 27 земји членки на ЕУ.
Викторија Милевска
