Македонија

Продолжува изградбата на пругата кон Бугарија

29.10.2022 15:58

Премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, како и министри од двете влади, присуствуваа на настан, по повод отпочнувањето на градбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Со изградбата на железничкиот Коридор 8, треба да продолжи да се гради заедничката европска иднина...

По пауза од две години продолжува изградбата на пругата кон Бугарија. Рехабилитацијата и зафатите на железничкиот Коридор 8 ќе значат инфраструктурно поврзување на Балканот, но и економски раст и развој на земјите од регионот. Ова го порачаа премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со неговиот колега од Бугарија, Галаб Донев, како и министри од двете влади, претставници на делегацијата на Европската унија, присуствуваа на настанот за продолжување на изградбата. Ќе се работи на првите две од трите делници Куманово-Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 88 километри. Се гради со финансиска помош од ЕУ од над 200 милиони евра.

„Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња“, рече Ковачевски.

Бугарскиот премиер рече дека изградбата на коридорот 8 ќе придонесе за зголемување на трговската и стокова размена меѓу Македонија, Бугарија и Албанија.

„Ќе придонесува и за додадена вредност за развојот на целиот наш регион. Во минатите над 140 години се реализираше инфраструктурата којашто беше потребна за денешниот Коридор број 8, тој беше желба на многу генерации од двете страни на границата“, дополни бугарскиот премиер.

Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ посочи дека унијата е горда што поддржува вистинска стратешка иницијатива, со која ќе се подобри и регионалната соработка.

„Иницијатива што ќе помогне да се промовира регионална трговија, да се намалат времињата на патување и да се поттикне одржлив економски раст што ќе донесе голема корист за локалните граѓани и за претпријатијата на регионот“, нагласи тој.

Проектот предвидува изградба на железнички станици, стојалишта, тунели и мостови.

Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година. Неколку пати имаше прекини, а последната активност на терен беше во јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот.

Изградбата на пругата кон Бугарија би требало да заврши до 2025-та година.

Елена Георгиевска