Ништо ново во Ф1

Сите гледаат во грбот на Фетел

25.11.2013 15:14

Може да го сакате, може да не го сакате или дури и да го мразите, но ќе молчите и ќе ја наведнете главата пред неговите резултати. Најоспоруваниот Ф1 шампион во новата ера ја потврди четвртата редоследна титула со победа на Интерлагос во Бразил и си врежа своја траекторија во алејата на славните.

Може да го сакате, може да не го сакате или дури и да го мразите, но ќе молчите и ќе ја наведнете главата пред неговите резултати. Најоспоруваниот Ф1 шампион во новата ера ја потврди четвртата редоследна титула со победа на Интерлагос во Бразил и си врежа своја траекторија во алејата на славните.

Доминантно ги извозе и трката и квалификациите, стигна до нов рекорд од девет победи едноподруго, го изедначи рекордот со вкупно 13 победи во рамките на една сезона, има најдобар процент на победи во една сезона и воопшто во кариерата од сите активни возачи, има уште многу други достигнувања што многумина ги посакуваат и ги сонуваат, а малкумина ги знаат и ги гледаат, но историјата ги бележи и ги памети.

Себастијан Фетел идеално си одговара со болидот што го конструира Адриан Њуи и со филозофијата на Ред Бул. Овие две величини уште долго ќе царуваат во светот на најбрзите, иако Ф1 наредната сезона ја менува ерата и ги враќа турбо моторите.

„Ред Бул“ се издвои кај конструкторите и во ниту еден момент, реално, не беше доведена во прашање австриската доминација. Во борбата за трошките меѓу Мерцедес и Ферари, се радуваа Германците. Лотус остана длабоко во сенката на челните три тима.

Новата Ф1 година ќе помине без Марк Вебер кој што заминува во Порше серијата. Во Ферари се враќа Кими Раиконен, а Фелипе Маса ќе вози за Вилијамс. Дури осум возачки места, се слободни. Ќе го нема и Косворт, производителот на вториот најуспешен мотор, на вечната листа зад Ферари според остварени победи на овие агрегати.

65-та Ф1 сезона, во наредната 2014-та година, повторно во живо, ќе ја гледате на МТВ.

 

Бранко Чупески