Потрагата по малезискиот авион ќе трае со години

25.04.2014 11:13

Подводната потрага во Индискиот Океан во реонот западно од Австралија по каква било трага, која ќе доведе до остатоците од авионот од летот МН370 досега не донесе резултати...

Потрагата по исчезнатот малезиски авион веројатно ќе се одолговлечи на повеќе години, изјави денеска висок американски претставник. Подводната потрага во Индискиот Океан во реонот западно од Австралија по каква било трага, која ќе доведе до остатоците од авионот од летот МН370 досега не донесе резултати.
 
„Потрагата по мистериозно исчезнатиот авион сега ќе влезе во мошне потешка фаза на пребарување на пошироко подрачје на Океанот“, изјави анонимен претставник на американските вооружени сили. 
 
„Ние сите дојдовме во помало подрачје и ништо не најдовме. Сега мораме да се вратиме на поширока територија. Сега зборуваме за години“, додаде тој. 
 
Во меѓу време, по неколкуте анкети на јавното мислење, според кои, најмалку половина жители на Малезија не веруваат во официјалните соопштенија на Владата во врска со исчезнатиот „Боинг-777“, малезискиот премиер Наџиб Разак во изјава за Си-Ен-Ен најави дека идната недела ќе биде објавен првиот прелиминарен официјален извештај за несреќата.
 
Наџиб изјави дека извештајот веќе е испратен до Меѓународната цивилна воздухопловна управа ИКАО.