Над 150 загинати во Сеул, 2.600 се водат како исчезнати
Ужасна трагедија во Јужна Кореја. Над 150 загинати во стампедо на прослава на Ноќта на вештерките. Се стравува дека бројот на загинати ќе расте, бидејќи околу 2.600 лица присутни на настанот се водат како исчезнати...

Над 150 лица загинаа, а околу 80 се повредени во најсмртоносното човечко стампедо досега во Јужна Кореја, за време на прославата на фестивалот на Ноќта на вештерките.
„Синоќа се случи трагедија и катастрофа што не требаше да се случи среде Сеул. Се молам за упокојување на загинатите во несреќата и се надевам дека повредените наскоро ќе оздрават. Од денеска се воведува период на национална жалост додека трае управувањето по несреќата“, изјави Јон Сук Јеол, претседател на Јужна Кореја.
Трагедијата се случила кога неколку стотини луѓе се нашле на удолница, во тесна уличка широка само четири метри, од каде не можеле да се засолнат ниту да избегаат, па почнале да паѓаат еден врз друг.
„Тоа беше таков инцидент што беше тешко да се замисли дека ќе се случи во нашата земја. Тоа беше навистина тешка несреќа. Лично мислам дека ова беше катастрофа предизвикана од човечка грешка.“
„Меѓу повредените, 19 се во тешка состојба, а 63 се полесно повредени“, рече Чои Сеонг-Беом, началник на пожарната служба во Сеул.
Јужнокорејските власти досега добиле повеќе од 2.600 пријави за исчезнати лица. Меѓу жртвите има 19 странци, државјани на Кина, Иран, Норвешка и Узбекистан.
Марина Ристова
