Поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и ЈП од областа на водоснабдувањето
Владата објави дека ќе има поевтина струја за компаниите кои ги произведуваат основните прехранбени производи – леб, брашно, млеко, месна, живинарска индустрија и масло за јадење. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со ова се очекува цените на храната да се намалат за најмалку 10 отсто. Евтина струја ќе има за училиштата и за јавните претпријатија...

Владата со одлуки со кои ќе обезбеди поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи, за основните и средните училишта, како и за јавните водоснабдителни претпријатија на водоснабдувањето кои работат со пумпни и прочистителни станици.
Поевтина струја во износ од 80 евра по мегават час за производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, за месната и живинарската индустрија, нагласи премиерот Ковачевски. Според него, со мерката, производителите ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја што ќе влијае и на стабилизирањето на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.
Основните и средните училишта ќе имаат можност до 1 декември да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а по истата цена со електрична енергија ќе може да се снабдуваат и јавните комунални претпријатија.
Можност за снабдување со електрична енергија обезбедивме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и од одведување на отпадни води кои работат со пунктни и прочистителни станици со што ќе обезбедиме непречено стабилно снабдување со вода на граѓаните како и одведувањето на отпадните води. Цената за оваа намена ќе биде 95 евра по мегават час електрична енергија, нагласи Ковачевски.
Министерот за економија Бектеши, појасни дека се работи за околу 200 компании. Посочи дека ќе се помогнат овие компании со цел да се намали цената за најмалку 10 насто на основните прехранбени производи и да не се зголеми цената на водата.
Од Владата информираа-склучен е договор од страна на ЕСМ за набавка на природен гас. Ќе работи дополнително и ТЕТО која ќе покрива 60-70 проценти од потребите за топлинска енергија.
Игор Панов
