Продолжување на доминацијата или крај на една ера

25.04.2014 11:50

Ова е главното прашање што се поставува пред второто полуфинале на 13-тиот АБА лига фајнал фор турнир. Ако се суди според првото, вечерва ќе гледаме нова епска српско-хрватска кошаркарска пресметка...

Партизан е актуелниот владетел и победник на 6 од последните 7 завршни турнири во Јадранската кошаркарска лига. Единствената екипа што го сопре црно-белиот тим на патот до последните натпревари е токму Цедевита, пред две години во Тел Авив кога со титулата се закити Макаби. Од друга страна, Хрватите немаат победа во Белград, во соочувањата со Партизан.
 
Кај Гробарите нема неколку клучни повредени кошаркари (Вестерман, Милосављевиќ и Кинси), чиј што учинок треба да биде надополнет од повратникот од повредата Бертанс и новодојдените Тепиќ и Павловиќ. Како што се ближи крајот на натпреварувачката година, така екипата на Вујошевиќ повторно го добива шампионскиот сјај.
 
Најголемиот адут на загрепската екипа е тренерот Јасмин Репеша, кој што создаде неверојатна хемија во составот на Хрватите. Цедевита втор пат во својата историја е на завршниците, има едно финале против Макаби, но нема пехар. Дали сега е вистинскиот момент, ќе видиме од 20 часот во живо на МРТ каналот.