Фелпс втор на враќањето
Славниот американски пливач Мајкл Фелпс го освои второто место во финалната трка на 100 метри пеперутка на Гранд При митингот во Аризона, во првиот настап откако се врати во базените по дваесетмесечна „пензија“. 18-кратниот олимписки шампион, којшто објави крај на кариерата по ЛОИ 2012 во Лондон, беше поразен од големиот ривал Рајан Лохти.

„Ова е само една трка. Се уште сум далеку од моментот на дефинитивна одлука дали ќе продолжам или не“, изјави 28-годишниот Фелпс, откако постигна резултат 52.13, којшто е за повеќе од две секунди послаб од неговиот светски рекорд. Времето сепак му беше сосема доволно да избори право на учество на августовскиот националниот шампионат на САД, којшто ќе биде изборен за Светското Првенство во Русија наредната година.
„Навистина сум возбуден од сево ова, иако во моментов не знам што ми е потребно ако сакам да продолжам и да бидам побрз“, рече Фелпс за ЕСПН. Со неколку килограми повеќе на себе, најтрофејниот олимпиец во историјата само делумно потсети на блескавиот период на импресивна доминација во базените.
Во текот на неверојатната кариера Фелпс освои дури 58 златни медали на големите натпреварувања: 18 на олимписките игри, 27 на светските и 13 на Пан Пацифичките шампионати.