Русија ракетираше инфраструктурни објекти во Украина, делови од Киев без струја
Русија ги обнови ракетните напади врз клучни инфраструктурни објекти во Украина. Делови од Киев останаа без струја и вода. Нападите следуваат само два дена откако Москва го обвини Киев дека со дронови ја нападнал црноморската флота на Крим...

Русија ги обнови ракетните напади врз клучни инфраструктурни објекти во поголемите украински градови, вклучително и престолнината Киев. Експлозиите предизвикаа прекин на електрична енергија и водоснабдувањето.
„Вооружените сили на Руската Федерација продолжија со нападите со високопрецизно воздушно и морско оружја со долг дострел против воената команда и енергетските системи на Украина. Целите на нападите беа постигнати. Сите цели беа погодени“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерство за одбрана на Русија.
Претходно, Русија ги обвини Украина и Обединетото Кралство за „терористички напади“ врз бродовите на Црноморската флота во анектираниот полуостров Крим и најави повлекување од иницијативата за жито. Претседателот Зеленски го обвини Кремљ за се поголемиот недостиг на храна во светот поради напуштањето на договорот за извоз на храна и дека го користи истиот како уцена.
„Русија е единствениот виновник за тоа што храната сега ќе стане поскапа во голем дел од Западна Африка до Источна Азија. Русија е причината зошто луѓето, особено во Етиопија, Јемен или Сомалија, се оставени со катастрофален недостиг на храна“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
И покрај откажувањето на Русија од договорот за житото, повеќе товарни бродови се во движење пред црноморскиот брег на Украина. Украина, Турција и Обединетите нации се договорија за план за движење на 16 бродови кои се во турските води
„Клучните прашања за оваа година се инфлацијата која е висока и останува двоцифрена, а главно поттикната од цените на храната и енергијата. Нивото на неизвесност е исклучително високо, особено за прашањата за безбедноста на храната“, изјави Џихад Азур, директор на одделот за Блискиот Исток и Централна Азија во ММФ.
Цената на житото на светските берзи драстично се зголеми, а потегот на Москва наиде на осуда од голем број држави и организации.
Маријана Димовска
