Извештајот на ЕК пред Националниот совет, нотирана политичка поларизација
Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава пред Националниот совет за евроинтеграции, нотира политичка поларизација во Законодавниот дом. Собранието за прва пат е вака ниско оценето, забелешки и за користењето на европското знаменце, констатира опозицијата. Владејачкото мнозинство со став – најгорлив проблем е имплементацијата на законите…

Стабилен континуитет во напредокот на државата е ставот на Секретаријатот за европски прашања во однос на извештајот на Европската комисија за 2022-ра година. Националниот преговарач за евроинтеграциите на земјава, Маричиќ, смета дека извештајот е објективен приказ на реформите и констатиран напредок во 23 поглавја.
Евроамбасадорот Гир посочи дека годинешниов извештај, прв по почнувањето на скрининг процесот, претставува упатство за делување на националните институции и политички субјекти. Тој ја потенцираше забелешката од Брисел за политичка поларизација на Собранието. Претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Адеми, прецизен во обврските на Законодавниот дом. Вели уставни промени и внесувањето на бугарската заедница во Уставот се дел од Францускиот договор.
Според компаративната анализа на извештајот со другите држави од регионот, како и за годините наназад, која ја презентираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошевски, годинешниот напредок е со најмала оцена. Собранието за прв пат е вака ниско оценето, и тоа во период на ова владејачко мнозинство кое Деловникот го користи како список за одење во продавница, одбира што му треба и што сака – вели Милошевски. Тој посочи и на забелешката од извештајот за злоупотреба на европското знаменце. Според пратеничката Калевска-Ванчева, пак, најгорлив проблем е имплементацијата на законите.
Билатералниот скрининг кој ќе го покрие целиот спектар на европските политики во сите поглавја ќе се одржи на 11-ти ноември.
Марина Стојанова Тонева
