Стартува изградбата на пречистителна станица за вода за пиење во Делчево
Почна изградбата на пречистителната станица на водата за пиење во Делчево, каде водата ќе се преработува со современа технологија и ќе се реши деценискиот проблем со квалитетот, но и со загубите на водата. Ќе се гради и фотоволтаична централа за потребите на пречистителната станица…

Со шест милиони швајцарски франци донација од Швајцарската конфедерација и милион и 300 илјади швајцарски франци од Министерството за животна средина, во Делчево близу селото Тработивиште, стартува изградбата на пречистителна станица за вода за пиење и фотоволтаична централа.
Швајцарија до сега вложи 50 милиони швајцарски франци во брегалничкиот регион, главно во проекти со еколошки предзнак.
За реализација на стратешката програма за пристап на чиста вода до секој жител, владата обезбеди 50 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка, за кои наскоро ќе биде објавен јавен повик.
Министерот упати апел до локалните самоуправи да се вложат во подготовка на квалитетна проектна документација при аплицирањето за средства за подобрување на водоснабдувањето.
Славица Величковска
