По петти пат за три и пол години Израелците гласаат за новата влада
Парламентарни избори во Израел. Анкетите покажуваат дека изборната трка ќе биде тесна, а исходот тешко може да се предвиди. Затворени сите гранични премини меѓу Израел, западниот брег и Појасот Газа за време на гласањето...

По петти пат за само три и пол години, Израелците на националните избори во надеж дека ќе го наминат политичкиот ќорсокак што ја парализираше земјата. 39 партии во борба за место во Кнесетот, но се очекува само третина да го мине изборниот праг. Анкетите предвидуваа голема неизвесност.
„Гласајте правилно и гласајте за државата Израел и иднината на нашите деца“, порача привремениот премиер на Израел, Јаир Лапид.
„Должност и голема привилегија е да се гласа. Ова секако им го кажувам на нашите поддржувачи и на граѓаните на Израел. Со Божја помош, со помош на луѓето кои не слушаат, се надевам дека ќе го завршиме денот со насмевка“, изјави поранешниот израелски премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Најважното прашање е поврзано со поранешниот премиер Нетанјаху и неговата способност да служи во услови на обвиненија за корупција, а дел од политичките партии не сакаат да коалицираат со него. Главен ривал му е човекот кој го собори од власт минатата година, центристичкиот привремен премиер Јаир Лапид, а се очекува и предводникот на крајната десница, Итамар Бен Гвир, да однесе дел од гласовите.
„Гласањето прави разлика без сомнеж. Секој што мисли дека неговиот или нејзиниот глас не е важен-греши“, рече израелскиот претседател, Исак Херцог.
Кнесетот, има идеолошки десничарско и религиозно мнозинство од околу 70, од вкупно 120 пратеници. Граѓаните сметаат дека не е лесно да се формира стабилна коалиција.
„Гласањето е за иднината на земјата, општеството на Израел. Како да изградиме праведно и целосно демократско општество кое се грижи за сите луѓе во Израел е нашиот главен проблем“, рече Доврат Елкабец – гласач.
„Народот на Израел е сè поподелен. Господинот Лапид има добри намери, но нема доволно квалификации. Но, треба да му дадеме шанса, тоа е тоа“, рече Ави Шлуш-гласач.
18.000 полицајци распоредени на изборниот ден за да ја осигурат безбедноста на 6,8 милиони избирачи со право на глас. Армијата ги затвори сите гранични премини меѓу Израел, Западниот Брег и Појасот Газа за време на гласањето на парламентарните избори.
Маријана Димовска
