Енергетска криза

Гас ќе се набавува на пократки рокови, анализите покажале дека е поисплатливо

01.11.2022 12:36

Во услови кога постојано се менува цената, анализите покажуваат дека поисплатливо е гас да се набавува на пократки рокови, тврди премиерот Ковачевски. Гас за првата половина од месецов за топланите Исток и Запад и за цел месец за Когел во подружница „Енергетика“ е веќе обезбеден...

Гас за потребите на енергетските капацитети ќе се набавува на пократки рокови зашто анализите покажале дека е така поисплатливо. Премиерот Ковачевски појасни дека во услови кога постојано се менува цената, подобро е да се набавуваат количини на помали интервали. Според него, ако истата количина како сега се купела во август, државата ќе платела три и пол пати повеќе. Гасот за првата половина од месецов за топланите Исток и Запад и за цел месец за Когел во подружница „Енергетика“ е веќе обезбеден.

Од ЕСМ бараат Скопје-Север да ги намири долговите до крајот на годината и да го потпише новиот договор за да се обезбеди непречено снабдување со топлина и за граѓаните од тој дел на градот.

Во меѓувреме, операторот на електропреносниот систем во земјава, МЕПСО се поднови со опрема и го започна процесот на дигитализација на преносната мрежа. Вредноста на проектот изнесува речиси 5 милиони евра, поголемиот дел средства на ЕБОР.

Директорот Муртезани појасни дека се блокирани сметките на сите фирми кои должат пари на МЕПСО за испорачаната струја.

Анита Димитријевска Велковска