Есенска сеидба

Се зголемуваат површините со пченица во Пелагонија

01.11.2022 12:56

Половина од површината во најголемата житница веќе се засеани. Има идеални услови за сеидба и нема да има пробивање на оптималните рокови. Овогодишниот сеидбен план навестува стратешката култура, пченицата да биде опфатена на 11.000 хектари или 1.500 повеќе во однос на минативе години…

Есенската сеидба во нашата најголема житница е во полн ек, а сеидбениот план во однос на претходните години е за 20 до 30 проценти пообемен. Под есенски посеви на парцелите на ЗК Пелагонија и на површините на индивидуалните земјоделци ќе бидат опфатени околу 15.000 илјади хектари. Пченицата останува стратешката култура која и учествува со најголем процент во зголемениот сеидбен план.

Во нашиот најголем земјоделски комбинат велат дека над 50 проценти веќе е засеано. Од планираните над 7.000 хектари, 5.500 ќе бидат под пченица или 800 хектари повеќе. Одлуката, велат, се должи на повеќе фактори.

Условите за сеидба одамна не биле поидеални. Ретко каде и тоа минимално ќе има пробивање на оптималните рокови. Факторот временски услови засега во прилог на земјоделците.

Онаму каде што порано е посеано, површините веќе зазеленуваат што навестува солидни приноси доколку снегот навреме ги покрие посевите, а земјоделците имаат доволно средства да извршат и навремена прихрана на растенијата кои имаат одлична вегетација.

Стевче Митревски