МВР подготвено за изборите в недела, апелира до граѓаните за мирен изборен ден

25.04.2014 12:48

За време на изборниот ден полицијата исто како и на првиот круг ќе биде соодветно распоредена по претходно изработен план за работа, велат од МВР...

Министерството за внатрешни работи, како што беше констатирано на денешниот состанок на Оперативниот штаб при МВР формиран за потребите на изборите со којшто раководеше министерката за внатрешни работи , Гордана Јанкулоска, ја заврши првата фаза за обезбедување на изборите согласно законските надлежности при што во текот на вчерашниот ден со полициска придружба без проблеми беше дистрибуиран избирачкиoт материјал од печатницата до Општинските изборни комисии.  Денес завршува и втората фаза за безбедно одвивање на митинзи и средби со граѓани на претседателските кандидати и на кандидатите за пратеници.

Во оваа насока, во врска со Претседателските избори, беа  одржани 62 предизборни митинзи и осум средби со граѓани, истовремено, за  претставување на програмите и кандидатите на предвремените Парламентарни избори се одржаа 74 предизборни митинзи и седум средби со граѓани. При одржување на предизборните митинзи и средби со граѓани не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, соопштуваат од МВР.

Споредено со претходните циклуси, досега се регистрирани најмал број на инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир. Изминатите две недели регистрирани се девет настани во кои е предизвикана мала и незначителна материјална штета. Регистрираните настани се на подрачјата на Скопје, Тетово, Битола, Ресен и Неготино, при што во пет настани се оштетени штабови на политичка, во еден настан одземено е знаме од пред штаб на политичка партија, во два случаи се скинати плакати на политички партии и во еден случај регистрирана е тепачка помеѓу симпатизери на две политички партии.

За време на изборниот ден полицијата исто како и на првиот круг ќе биде соодветно распоредена по претходно изработен план за работа, велат од МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да не дозволат да бидат инволвирани во изборни нерегуларности и со своето однесување да придонесат за мирен изборен ден. МВР им стои на располагање на сите граѓани кои сакаат да пријават нарушувања на јавниот ред и мир за денот на изборите тоа да го сторат на бесплатниот телефонски број 192.