Криза

Текстилниот сектор очекува помош од Владата

01.11.2022 13:44

Големите компании кои купуваат струја на либералниот пазар очекуваат Владата да понуди мерки за опстанок, посебно на дејностите каде учеството на електрична енергија во цената на производство е голема. Текстилниот, како трудоинтензивен сектор се надева на субвенционирање на придонесите…

Антикризните мерки во делот на стопанството се фокусирани на микро, малите и средните претпријатија. Големите потрошувачи со електрична енергија се снабдуваат на либералниот пазар, каде моментално цената е добра, но нема гаранции дека таква и ќе остане. Организацијата на работодавци очекува владата да понуди мерки и за големите компании, оти како што велат, опстанокот на малите претпријатија во голема мера зависи од големите.

„Опасноста од пропаст на големите компании кои вработуваат голем број луѓе останува и понатаму, затоа овој период Владата мора да го искористи да направи анализи во кои сектори учеството на електричната енергија е од огромно значење и кои не можат да опстанат без помош, додека компаниите каде потрошувачката на електрична енергија е со мал процент од вкупните трошоци, ќе можат и сами да се снајдат на пазарот“, изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.

Од понудените мерки нема ништо за текстилните компании, кои во најголем дел се големи потрошувачи на електрична енергија, но имаат и голем број вработени и очекуваат владата да понуди мерка за субвенционирање на придонесите.

„Придонесите кај нас учествуваат со голем процент во бруто платата, така што намалувањето на тој трошок би ни помогнало да го пребродиме зголемувањето на другите трошоци“, додава Кирил Нашков, Текстилен кластер.

Во моментот текстилниот сектор има работа, но заради растот на производните трошоци, на месечна основа ги договараат цените со странските партнери и не можат да планираат долгорочно производство.

Славица Величковска